Осуммина приведени за сквернавење на државното знаме - истрагата ќе се шири

За вчерашните инциденти со македонското знаме се уапсени осум лица, меѓу кои и еден малолетник вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој посочи дека истите по насока на Јавен обвинител, се приведени и ќе бидат изведени по итна постапка пред лицето на правдата, а потоа Судот ќе одлучи во рамки на своите законски надлежности.

Тошковски се пофали дека МВР вчера одговорило максимално брзо на настаните на кои просведочи целата македонска јавност. Тошковски меѓудругото рече и дека вакви несакани настани се случувале и дека недајбоже пак да се случуваат, но вели, најверојатно ќе се случуваат и во иднина. 

Од Основното јавното обвинителство информираат дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме на синоќешните прослави за Денот на албанското знаме.

„Известен е јавен обвинител,се преземаат дејствија за расчистување на настанот“, соопштуваат од ОЈО.

Во Куманово пак, за време на прославата на Денот на албанското знаме, биле оштетени шест возила во центарот на градот а полицијата привела 20-годишен жител од Липково поради непочитување на наредби.

Министерот Тошковски исто така  најави дека денеска и во наредните денови ќе има уште многу што ќе бидат повикани на разговори, а кои биле вклучени во синоќешните дејствија. 

На синоќешната прослава на Денот на албанското знаме, беше палено, кинето и газено македонското знаме. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање. На снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине, гази со автомобил и се пали македонското знаме.