Осумдневен притвор за сопственикот на порталот „Доказ“

Уцена, пиратерија, ширење расистички и ксенофобични материјали и злоупотреба на лични податоци се кривичните дела за кои засега е осомничен Стаменковски. Од ОЈО Скопје претходно ги повикаа сите останати кои биле жртви на сопственикот на „Доказ“ да се охрабрат и да го пријават.

Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, заврши во осумдневен притвор, одлучи судија по претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. Стаменковски е осомничен за повеќе кривични дека како уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал и злоупотреба на личните податоци.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје го бараше притворот од повеќе причини како што се опасност и во иднина ќе ги презема незаконските дејствија, за заштита на жртвите, како и опасност од бегство.

Против Стаменковски има повеќе пријави, меѓу кои од една телевизија дека без одобрение ставал на располагања видеа кои се заштитено аудиовизуелно дело, од свештеници поради ширење омраза и нетрпеливост кон нив преку текстови на својот портал и поттикнување тие да бидат избркани од манастирот, како и од две новинарки.

„Новинарките изјавија дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб-порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинари. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство“, велат од ОЈО Скопје.