Осум години од потпишувањето на договорот од Преспа

Во малото грчко село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро на територијата на Грција, пред осум години, на 17 јуни 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа т.н. договор од Преспа, со кој се затвори долгогодишниот билатерален спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, Грција призна македонски јазик и македонски идентитет, нашата земја стана членка на НАТО, а се интензивира и билатералната соработка со јужниот сосед.

Договорот беше постигнат по неколкумесечните интензивни преговори меѓу двете земји во период кога во Грција на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ, а го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

На свечената манифестација во Нивици за потпишувањето на договорот присуствуваа тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, тогашните високи претставници на Европската Унија, високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Нешто повеќе од три месеци по потпишувањето на договорот, односно на 30 септември 2018 година, македонските граѓани беа повикани на раферендум да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“

Одѕивот на референдумот беше мал, гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од нив 91,47 процент беа „за“, а 5,64 отсто „против“, а во согласност со конечните резултати од гласањето одлуката на референдумот не беше усвоена бидејќи не гласаа повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.