Оставки по трагедијата во Тузла
Десетина лица загинаа во пожарот што зафати дел од зградата на Домот за стари лица во Тузла, додека над 30 лица побараа медицинска помош во Универзитетскиот клинички центар во Тузла. Пожарот избувнал на седмиот кат од деветкатната зграда од причини кои сè уште не се јасни. Според извештаите, на катот биле сместени пациенти кои биле неподвижни и на кои им била потребна нега, некои со тешка деменција и канцер.
Ружа Кајиќ – штитеничка во домот: „Само што легнав, кога почна нешто да пука, да се урива, се јавив во рецепција, но не можев никого да добијам. Погледнав низ прозорот и видов како паѓаат огнени делови“.
Трисеттина лица се пренесени на лекување во болница, од кои тројца се во критична состојба.
Лејла Мемишевиќ – итна медицинска помош Тузла: „Беше мошне тешко. Според нашите капацитети, се што можевме пренесовме во повеќе клиники. Според нашите сознанија имаме 35 повредени лица. Имавме две успешни реанимации“.
Градоначалникот на Тузла соопшти дека меѓу повредените има и пожарникари, полицајци, болничари и персонал во домот за стари лица.
Зијад Лугавиќ - градоначалник на Тузла: „Ќе одржиме вонреден состанок на градското Собрание. Ќе ги планираме активностите кои ќе ги преземеме, но откако истражните органи ќе го завршат својот дел од работата“.
Директорот на Домот за стари лица во Тузла, Мирсад Бакаловиќ, утрово поднесе оставка од својата позиција. Домот за стари лица во Тузла е изграден во 1980-тите години. Со години се даваа предупредувања за овој дом, но никој ништо не презеде. Трагедијата е дополнително продлабочена од шокантниот факт дека најранливите корисници – лица со деменција и тешки форми на рак – беа сместени на повисоките катови, каде што избувна пожарот. Јавноста го поставува прашањето кој и врз основа на која логика ја донел одлуката да ги смести тешко болните лица на петтиот, шестиот и седмиот кат од зградата, што драстично ги намали нивните шанси за евакуација. Корисниците на домот и нивните семејства, како и некои политичари во Тузла, со години предупредуваат за лошите услови во Домот за пензионери, но властите останаа глуви на нивните апели и предупредувања.

