Оставка на Таравари, прегрупирања во Вреди
Оставката на Таравари веќе е зацементирана, но за дел од неговите луѓе кои се уште се дел од централната и извршната власт се води битка. Дали ќе одат во опозиција или ќе останат во владината коалиција?
Собранискиот спикер Гаши најави нова парламентарна група на ВРЕДИ за која веќе има избрано координатор. Логично е вели сите досегашни пратеници од албанскиот владин партнер да бидат дел од неа, вклучувајќи ги и тие од Алијансата за Албанците од крилото на Таравари.
Од партијата на Таравари за ТВ 24 велат дека досега нема никакви најави нивни пратенци да останат во ВРЕДИ.
„Пратениците од Алијансата за Албанциуте остануваат во нивната матична партија. За многу скоро ние ќе делуваме како посебна пратеничка група за што ќе поднесеме предлог до Собранието.“ - Алијанса за Албанците.
Изет Меѓити информираше дека сите функционерски позиции со кои раководела Алијансата ќе останат во ВРЕДИ. Неговиот сопартиец пак Фатмир Љимани, актуелен министер за социјална политика демографија и млади тврди дека четворица пратеници од крилото на Таравари ќе останат во парламентарното мнозинство.
Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека дел од функционерите од Алијансата за Албанците остануваат во владата. Премиерот Мицкоски пак најави дека наредната недела ќе седне на маса со коалициските партнери од сопартијците како што посочи веќе добил овластување за нови министри во мини владината реконструкција.