Основната каматна стапка останува 2,5 проценти

Основната каматна стапка останува непроменета на ниво од 2,5 проценти, а понудата на благајничките записи исто така останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари, информира денеска Народната банка.

– При носењето на ваквата одлука беа земени предвид неколку клучни фактори, пред сѐ, досега преземените чекори за нормализирање на монетарната политика, како и последните движења кај инфлацијата и на девизниот пазар. На девизниот пазар се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти, велат од Народната банка.

На вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика разгледани се најновите податоци за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари при што е оценето дека ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и дека главен ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки.

Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9 проценти во периодот јануари – јули, при што три четвртини од овој раст се објаснува со растечките цени на храната и енергијата.