Осмомартовски протест: „Колку букети чини животот на жената“?

Македонија го одбележува Осми март во сенката на последниот трагичен настан кој се случи пред само неколку дена, а во кој Ивана и нејзината ќерка Катја трагично го завршија својот живот -  по години поминати во семејно насилство.... 

Овогодишниот осмомартовски марш започна со едноминутен молк и за сите други жени кои не дочекаа правда, сите оние кои требаше да бидат спасени и за сите кои не можат или не им е дозволено да излезат на марш. 

Со транспаренти  „Правда за Росица“, Правда за Ивана“, , „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, учесниците испратија силна порака и до политичарите -  дека празничните честитки не се доволни, ако паралелно институциите не постапуваат навреме за да го спречат насилството и да ги заштитат жените.

Калиа Димитрова - Активистка за женски права: „Имам три пораки до институциите, Премиерот и министерот за внатрешни работи. Како не ви е срам да се појавите на говорница после рекорден број на убиства на жени на кои им претходело пријавувано насилство по кое не се постапувало соодветно и да ни порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите? Премиере не ли ги знаете законите на земјата која ја водите? Институциите имаат службена должност да постапуваат и да ги заштитат жените жртви на насислство особено оние кои живеат во висок ризик“.

Теодора Милеска - Активистка за женски права: „Инситуционалното потфрлање и одбегнувањето одговорност жената го плаќа со своето здравје, живот и достоинствено постоење. Надлежните институции и политичките партии со години бираат да не ги слушаат нашити крици, барање за превенција, заштита и одговорност и затоа и самите учествуваат во насилството“.

Маршот се одржа во Скопје, каде учесниците дополнително побараа, унапредување на женските права, поголема заштита од институциите и правично општество.

Ивана Белчева: „Фемицидот не започнува со последниот удар. Тој започнува многу порано, фемицидот започнува со првата тишина. Семејното насилство мора да биде приоритет за секоја институција. Оттука започнува борбата за посветла иднина“.

Александра Спасеска: „Во време кога за жената и за нејзините права минливо и сензационалистички се зборува само кога ќе се случи родово базирано насилство мора подлабоко да погледнеме каде потрфла системот и каде ги изневерува жените и го загрозува животот на девојките и жените. Тоа почнува со поткопувањето на нашата економска моќ и економска независност“...

Симболиката на Осми март годинава ја засени суровата реалност во земјава во која само од почетокот на годинава се регистрани четири изгубени животи како последица на родово базирано и семејно насилство...