Осмомартовски концерт со светскиот тенор Федерико Сера во организација на „Охридско лето“
Националната установа „Охридско лето“ по повод 8 март – Меѓународниот ден на жената, вечер организира концерт со светски познатиот тенор Федерико Сера од Италија, во придружба на пијанистот Антонио Кампоногара.
Веќе трета година надвор од стандардната фестивалската рамка „Охридско лето“ реализира концерти преку цела година.
-Имавме прекрасен новогодишен концерт со оркестарот на Националната опера и балет а сега следи осмомартовскиот концерт на Денот на жената со оперскиот пејач од Италија Федерико Сера, чиј ментор е светскиот оперски пејач Андреа Бочели. Верувам дека тие оперски арии ќе нѐ однесат во светот на Џузепе Верди, во светот на Италија и тоа ќе биде подарок за охриѓанки а и за сите жени што сакаат да дојдат, што се поддржувачи и љубители на фестивалот „Охридско лето“, рече директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Таа најави дека по осмомартовскиот концерт во организација на „Охридско лето“ следува Велигденски концерт, како завршница на концертите надвор од официјалната програма.
-Како најголема и најзначајна културна установа во државата сакаме врвната култура да живее преку цела година, со што од една страна го афирмираме Фестивалот а од друга страна и Охрид како град, но и државата во целина. Нудиме квалитет а тоа го препознава нашата верна публика, додаде Поповиќ.
Федерико Сера беше дел од четворицата светски познати тенори од Италија кои приредија незаборавен концерт на Свеченото отворање на 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид.