Османи за „Етнос“: ДУИ ќе одлучи која партија ќе учествува во нашата коалиција
Оценувам дека ДУИ ќе го добие мандатот да формира влада, а ние ќе одлучиме која партија од Северна Македонија ќе учествува во нашата коалиција, вели Бујар Османи за грчкиот весник „Етнос“.
Во текстот под наслов „Османи: Динамично ќе продолжиме со спроведувањето на Договорот од Преспа“, грчкиот весник ги пренесува ставовите на вицепремиерот и член на ДУИ, како во однос на изборниот резултат и постизборните разговори меѓу партиите, така и за Договорот од Преспа и пристапните преговори со Европската Унија.
Во однос на предизборните односи на ДУИ со Зоран Заев, кои, како што пишува „Етнос“ беа обележани со чести конфронтации, а „поранешниот премиер неколку пати ја испрати најголемата албанска партија во опозиција“, за тоа дали ова ќе влијае врз формирањето влада Османи „истакна дека е нешто за што треба да се праша Заев“ и според весникот, додал дека по резултатите не смета дека лидерот на СДСМ останува на истата позиција.
За преговорите меѓу партиите за формирање влада, вели дека преку брз процес неопходно е што поскоро да се формираат институциите за справување со пандемијата, со социјално – економските последици, но споменува и дека земјата се наоѓа на чекор пред почеток на пристапните преговори.