Османи: Повеќе рационалност во разговорите со Бугарија
Foto

Османи: Повеќе рационалност во разговорите со Бугарија

Односите Скопје - Софија ќе се затоплуваат со нов рационален пристап на политичко ниво. По низата префрлувања и стрели на кои мета беше македонскиот идентитет, министерот Османи најави дека во новите разговори со Софија, емоциите ќе бидат тргнати настрана, а македонската влада ќе настапува со нов концепт.  

- Дијалогот помеѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него. Сметавме дека треба да го менуваме пристапот во однос на овој дијалог. Да воспоставиме повеќе рационален пристап во овие разговори и продолжување на комуникацијата на темите за коишто имаме разбирање, со цел да се спласнат тие емоции од тој дијалог и да се дојде до некој степен на доверба за да може да се продолжи понатаму. - изјави Бујар Османи МНР.

Спорните точки кои се однесуваат на македонскиот идентитет се уште се на маса, а преговорите со Бугарија не се замрзнати, но во овој период пред бугарските избори, фокусот ќе биде само на усвојување на Акцискиот план кој се однесува на секторско ниво и бизнис релации. 

Опозицијата денеска повика, Владата да го објави текстот од овој Акциски план кој е 99 отсто усогласен со Софија и ќе се усвои на меѓувладината седница која ќе се случи на македонско тло. 

- Македонската јавност треба да го знае текстот на овој план, бидејќи, според нашите информации, покрај идентитетските прашања, кои ја опфаќаат македонската традиција, јазик, обичаи, историја, македонски дејци и револуционери, има многу и бизнис-работи коишто се дел од тој договор или план на активности којшто е на маса. Кога двоецот Бучковски-Заев преговара, се спрема нова катастрофа, економско цунмами и национална катастрофа. - изјави Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ.

И додека Владата убедува дека во Акцискиот план со Бугарија  нема историски и спорни прашања -  Германија притиска за решение. Соработката со Бугарија да продолжи, а компромис за спорните прашања да се најде, за да се отвори европската врата. 

- Треба да се ангажирате и понатаму, но и претседателството на Португалија еве сега се заложува да помогне во тој поглед. Заедно имаме заедничка цел.- изјави Штефан Холтхоф-Фертнер министер за сојузни, европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Шефот на португалската дипломатија Де Силва денеска на видео средба со Османи му потврдил дека проширувањето останува во фокусот на нивното претседавање, но не се во фаза на навлегување на билатералниот спор меѓу Скопје и Софија.  Македонската влада  пак е оптимист дека на следните два европски самити во март и јуни ќе има позитивен исчекор.

0 Коментари

Остави коментари