Османи: Нема потреба од кревање на очекувањата во пресрет на јунскиот самит
Спорот со Бугарија виси над европската иднина на Македонија- владата не знае каков ќе биде исходот од претстојниот Самит на ЕУ. И покрај интензивната поддршка од САД, Германија, Франција и останатите членки на Унијата, за која шефот на дипломатијата Османи вели дека се невообичаено зголемена активност за почеток на преговорите со Македонија, разликите со Бугарија остануваат.
Османи не сака да ги крева надежите дека ветото од официјална Софија ќе биде тргнато во следните 10 дена.
- Јас не сум во состојба во моментот да кажам каков ќе биде исходот на 22 јуни. Ние работиме како да тоа ќе се случи, но не можам да ги кренам очекувањата на граѓаните бидејќи е неизвесно, затоа што нејасно е дали во Бугарија има политички мандат и дали ќе има договор по однос на португалскиот предлог. - изјави Османи.
Три прашања лебдат над преговорите со Софија. Прво, дали техничката влада на Бугарија има политички мандат да го тргне ветото, второ , каде ќе биде сместен Патоказот, дали во преговарачката рамка или преку Советот за стабилизација и асоцијација и трето дали ќе има договор за содржината на патоказот.
Во моментот нема потврдена средба на премиерско ниво во Скопје или Софија. Заев и Османи ќе се сретнат со бугарскиот претседател Радев во понеделник на маргините на НАТО состанокот.
Османи денеска порача дека одложувањето на европската перспектива ќе има и сериозни геополитички консеквенции.
- Во геополитиката нема вакум. Секоја празнина некој ќе ја исполни. Ако не ја исполните вие, ќе ја исполни некој друг. Затоа мислам дека тој аларм е подигнат сериозно кај сојузниците, кај нашите пријатели, кои се обидуваат да разговараат и со нас и со Бугарија. И тоа не го гледаме како форма на притисок или наше бајпасирање на директната комуникација со Бугарија. изјави Османи.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера телефонски разговараше со бугарскиот претседател на темата Македонија и блокадата од Софија. Веднаш по разговорот од кабинетот на Радев објавија дека Ентони Блинкен барал забрзување на процесот на евроинтеграција за Македонија. Една од важните теми била и санкциите на САД против бугарски лица и компании поврзани со корупција.
- Декретот на американскиот претседател ја материјализира најавата и очекувањата за поголема вклученост на американската администрација на Балканот. Се прави напор преку политички притисок да се укаже на регионот дека треба да ревоспостави трата на европската интеграција. Но враќањето на регионот на тие шини, не зависи само од регионот и притисокот на Америка туку и од тоа дали ЕУ ќе смогне сили да го оствари своето ветување. - изјави 3мин Симонида Кацарска ЕПИ.
Овие денови, францускиот претседател Макрон лично се заложи и изрази подготвеност да помогне за постигнување на компромис во спорот со Бугарија. И Холандија која досега беше кочничар на Албанија, ја крена рампата и објавија дека на 22 јуни за време на Советот за општи работи на ЕУ ќе бараат датум за прва меѓувладина конференција за Скопје и Тирана.