Османи најави дека за неколку месеци ќе го добиеме првиот премиер Албанец
Македонија за неколку месеци ќе го има и првиот премиер албанец порача синоќа од Чаир на партиски собир шефот на дипломатијата Османи и кординатор на огранокот на партијата во оваа општина . Осврнувајќи се на актуелните политики на ДУИ како владин партнер не пропушти прилика да порача дека и претседателот на државата е консензуално избран кој како врховен командат ја предводи војската која има и албански печат и знаци.
Во куса комуникација со ТВ 24 Османи само кратко се дообјасни дека не мислел на предвремени избори .
- Нема да има предвремени избори . Ова се однесуваше на оние 100 дена Пржинска влада пред организирање на редовните парламентарни избори. - Бујар Османи Министер за Надворешни работи.
Од Влада денеска само кратко посочија дека не коментираат изјави од партиски собири . А пак ВМРО ДПМНЕ прстот го вперија во владината коалиција посочувајќи дека дури ни самите коалициски партнери на Ковачевски во него не гледаат легитимно избран премиер и му ги бројат месеците.
Од СДСМ пак исто така велат дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека тие ќе се одржат во редовниот термин а договорот за премиер албанец во последните 100 дена влада пред организирање на новите парламентарни избори е нешто кое одамна е договорено со Пржинскиот договор .
Следната година е година во која треба да се одржат и претседателските избори во април но и редовните парламентарни во октомври. Иако има уште една година сепак партиите и функционерите веќе на големо на терен организираат средби со граѓани , симпатизери и членови и испраќаат политички пораки со цел мобилизирање на членството.