Осквернавен споменикот на Григор Прличев во Охрид
Вандализиран дигиталниот споменик на Григор Прличев во Охрид после само нецели 48 часа од неговото поставување. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.
Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот, вели проф. д-р Анис Сефиданис креаторот на ова дело.
„После нецели 48 часа од промоцијата, паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција, се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите, наведува професорот и додава дека случајот е веднаш пријавен во СВР Охрид, направен е увид и известено е Јавното обвинителство.
Од полицијата велат насилно се одземени 27 букви од дигиталиот споменик и македонското знаме.Откако го оштетиле го исклучиле од електричното напојување.
Граѓаните со остри осуди за ваквиот вандалски чин.
„Катастрофа, какво е ова однесување?'' Во Македонија има големо отсуство на општествена свест- почнувајќи од највисоките ешалони на општеството до најобичните граѓани, видиво е на секој чекор.
„И после сакаме во Европа, епа нема.Што народ ќе бевме,Некој вложил години труд знаење и финансии за некој за секунда да го уништи без трошка совест" - се само дел од коментарите низ социјалните мрежи на револтирани охриѓани.
Инаку дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, вклучуваше и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор, кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.
За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија.

