Оштетени штедачи од „Еуростандард“: Уставен ја одложи седницата, голготата продолжува
Foto

Оштетени штедачи од „Еуростандард“: Уставен ја одложи седницата, голготата продолжува

Дали кога пропаѓа некоја банка, штедачите кои имаат заштеди до 30 000 евра се првите на кои им се враќаат парите? Дали овој член од Законот за банки е уставен или дискриминирачки зашто ги става во понеповолна положба останатите со повеќе пари?

За ова треба да одлучат дветте судии во Уставниот суд, откако пред нив стигна иницијатива од оштетените штедачи на Еуростандард банката. 

Но седницата денеска е одложена. Според официјалното соопштение, причината е состојбата со ширењето на корона вирусот. 

„Седницата се одложува поради состојбата со ширењето на коронавирусот, како и поради објективната неможност во моментот да се гарантира заштита од овој вирус на присутните во судницата -судии, вработени во Стручната служба, учесници во постапката, претставници од јавноста, медумите.“ - велат од Уставен суд.

Но Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард се сомневаат дека судиите се под притисок. Посебно што ова не е прво одложување. Сега велат дека се разочарани, но не се обесхрабруваат зашто веруваат дека правдата ќе го најде својот пат.

„Дали позади сите одлагања на донесување на одлуката постои всушност вистински притисок врз судиите кои ја поддржуваат иницијативата да го променат своето мислење (…) За да стане сомнежот уште поголем, новозакажаната седница се одложи повторно, овојпат на неопределено време и тоа еден ден пред закажаната дата.“ - велат оштетените штедачи на Еуростандард банка.

Деновиве во Еуростандард банката е празно. Вработените кои останаа да работат со стечајниот управник Душко Тодевски не доаѓаат на работа зашто вирусот е потврден кај дел од нив. Според информациите на ТВ 24 во банката не доаѓа ниту стечајниот управител. Тој не одговара на телефонот и нема информација до каде е стечајната постапка на банката. 

Последните информации во февруари излегоа од Јавното обвинителство. Нареди истражна постапка за четири лица. Обвинителството се сомнева дека сториле две кривични дела - предизвикување стечај и перење пари, со што предизвикале штета од дури 55 милиони евра.  

Оштетените штедачи секој ден преку соопштенија до јавноста тврдат дека во пропаднатата банка се случил криминал. 800 физички лица и 2 000 фирми останаа со празни раце и заробени над 36 милиони евра. Чекаат спас од судот и обесштетување од распродажба на имотот на банката.

0 Коментари

Остави коментари