Оризопроизводителите незадоволни од откупните цени, се чувствуваат изиграно
Годинешната жетва на „белото злато“ во кочанскиот регион тече со старите проблеми, без утврдена производна цена и без откуп. Откупувачите нудат симболични 30 денари за килограм оризова арпа, а ситните сорти воопшто не се откупуваат, се жалат оризопроизводителите и велат дека откупните цени треба да бидат најмалку 45 денари по килограм, за да им се исплати трудот, бидејќи, како што објаснуваат и онака се обременети со скапи репроматеријали.
Зошто наместо да се зголемува се намалува откупната цена, очајно прашуваат земјоделците од кочанско. Велат, во амбарите им стоат околу 5000 тони арпа од минатогодишната реколта, а укажуваат и на дополнителните проблеми со кои се соочуваат тековно.
Најавите што ги добиле од откупно-преработувачките капацитети се дека откуп на ситните сорти воопшто нема да се врши. Поради тоа земјоделците бараат да се изготви нова пресметка за производната цена, што е основа за откупната, бидејќи како што велат актуелните 30 денари за трошоци за производство се далеку под реалните.
Инаку, пролетва со ориз во кочанско беа посеани околу 3.800 хектари од кои се очекува до крајот на октомври да се ожнеат 20 илјади тони оризова арпа, меѓутоа дали и како ќе се врши откупот на истиот останува да видиме.