Оризопроизводителите на протест: Едвај се преживува
Земјоделците од кочанскиот и штипскиот регион кои произведуваат ориз, денеска го блокираа магистралниот патен правец Кочани - Штип.
Протестираа против ниските откупни цени на арпата и високите трошоци за производство. Бараат итна средба со министерот за земјоделство, интервентен откуп на оризот за време на жетвата, но и оризот да стане заштитена култура. Велат дека протестите ќе траат неодредено се додека не им се остварат барањата.
Оризопроизводителите ги изнесоа тракторите кај селата Крупиште, Чифлик, Чешиново и Облешево. Ја блокираа едната коловозна лента. Освен повисока производна цена бараат и интервентен откуп на оризот за време на жетвата што ќе стартува за еден месец. За протестот ја обвинуваат Владата бидејќи никој не одговорил на нивните барања испратени пред еден месец.
Земјоделците се жалат дека и со дополнителните три денари државни субвенции работат со загуба, а дури и со минимална откупна цена од 40 денари за килограм арпа нема да можат да ги покријат ни основните трошоци за производство.
Ова не е прв протест на оризопроизводителите од кочанско, но велат дека сега не се повлекуваат.
Земјоделците побараа и итна реорганизација на „Водостопанство“, менување на моделот и повторно враќање на водните заедници, бидејќи вака водата доцна им доаѓа до нивите што им ги намалува квалитетот и приносите.