Орце Камчев во Шутка, кој му најавил апсење за избори?
Foto

Орце Камчев во Шутка, кој му најавил апсење за избори?

Орце Камчев го напушти Кривичниот суд во Скопје и со полициска придружба е однесен во Шутка. 30 дена притвор му одреди судијата Васил Динковски. Притвор се бараше поради  истрагата „Плацеви на Водно“, во која Камчев е осомничен за перење пари.

Утрово бил повикан прво во полициска станица, бидејќи Агенцијата за национална безбедност добила информации дека се подготвува да побегне. Извори на ТВ24 велат Камчев планирал да избега во Бугарија заедно со партнерка. Истите извори брифираат дека службите дошле до информации дека се видел со човек од тајната бугарска полиција, а претходела и продажба на фирма, но и сознанија за некои недвижности.

Менкиновски тврди дека Камчев не е апсен поради атрактивните парцели на Водно, туку за некои изборни нерегуларности, кои наводно му биле соопштени од полицискиот службеник. Но, дело поврзано со избори нема напишано во судското решение за притвор. Се поставува прашањето дали оваа теорија произлегла од лапсус на полицаецот, кој  во белешката наместо да внесе член 158 од ЗКП-кој се врзува со лишување од слобода без налог од суд, напишал член 158 од Кривичниот законик-кое се однесува на спречување на избори и гласање. Менкиновски се противеше и зошто Лиле Стефанова која била обвинителка од Радовиш барала притвор.

Инаку Стефанова ја работеше истрагата Империја, но и случајот „Плацеви на Водно“, за кои е делегирана од државниот обвинител Љубомир Јовески. 

Заедно со Орце Камчев во истрагата за атрактивните парцели на Водно, осомничени се и Сашо Мијалков, кој веќе е во притвор за прислушувањето, Никола Груевски - азилант во Будимпешта, неговиот кум Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева.

Парцелите се замрзнати по барање на обвинителството, а се купени со дел од 1 милион и 300 илјади евра- донации од членството на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо во партијата завршиле во џебот на Никола Груевски. Камчеви се јавуваат како крајни сопственици на парцелите. Оваа истрага е при крај и наскоро ќе има обвинение, велат од обвинителството.  Во четврток Орце Камчев треба да сведочи во случајот Меѓународен сојуз, во кој осомничена е Фросина Ременски.

Адвокатот Менкиновски има своја теорија за денешното апсење и сведочењето во Меѓународен сојуз, посочувајќи дека сопругот на Фросина Ременски е вработен во АНБ. Камчев е осомничен и во случајот „Империја“.

0 Коментари

Остави коментари