Ѓорѓиевски: Градоначалниците се недопирливи и тоа мора да се смени
Со законски измени треба да се ограничи моќта на градоначалниците – бара првиот човек на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека во ЗЕЛС се работи на составување тим кој ќе предложи измени во Законот за локална самоуправа за да може да се смени градоначалник во текот на неговиот мандат.
Според него, не смее да се дозволи некој да го „преспие“ 4-годишниот мандат, без да биде казнет за тоа. Дополни, и дека, ако градоначалниците знаат дека би можеле да бидат сменети, ќе бидат мотивирани нешто да сработат. Не потенцираше дали овој закон би бил подготвен и би профункционирал пред локалните избори или по нив.
„Јас сметам дека треба да се ограничи моќта. Тогаш градоначалникот ќе знае дека може да почне, но нема да му заврши можеби мандатот до крајот на мандатот и логички е дека ќе размислува за нешто да реализира. Ние имаме градоначалници од минатото кои што 4 години ги поминаа во хибернација мандатите, кои што ги преспаа народски кажано мандатите и нема никаква казна, казната единствена е изборите. Мора да има да се воведе механизам со кој што и порано може да дојде до одговорност. Не зборувам само за кривична одговорност, но за одговорност кај градоначалниците и на тој начин да се регулира неговото работење или неработење“ – Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Кисела Вода.