Општините воведоа одредени рестрикции на јавното улично осветлување, кратење на непродуктивни трошоци

Од први декември Јавните Комунални претпријатија, училиштата како и прехранбените компании од слободниот пазар одат под капата на ЕСМ, чие субвенционирање би го чинело Буџетот околу 10 милиони евра, покажуваат анализите на Министерството за економија. 

Според анализата на потрошувачката на електрична енергија за месец октомври минатата година споредено со истиот месец годинава меѓу општините кои заштедиле најмногу на второ место е општина Штип, која заштедила 72%.

Општина Кочани, пак во изминатиот период направи замена на постоечките живини со нови ЛЕД светилки, со што беше постигната континуирана заштеда од 60%. Во однос на општинската администрација, општината не штедела, односно нема намалување на бројот на вработени, освен за бројот на лица кои заминале по основ на пензионирање. Според општината, бројот на вработени е во согласност со потребите на обемот на работа. 

- Со ребалансот на Буџетот на Општина Кочани беа скратени сите непродуктивни трошоци. Патните трошоци беа сведени на минимум и пред настанувањето на енергетската криза, што значи дека и во моментот скоро и да ги нема.- велат од Општина Кочани.

Воведени се рестрикции во јавното улично осветлување, поставени се фотоволтаични системи на Пречистителната станица во с. Мојанци, Општинската зграда, на две средни училишта, а изработени се проекти за поставување на фотоволтаични кровни конструкции на сите останати институции и КЈП „Водовод“. 

- Општина Карбинци најмногу штедела во делот на патни трошоци, а има остварено заштеда од речиси 60%. - велат од Општина Кочани.

Според препораките од Владата, се сведеа на минимум осветлувањето во општинските канцеларии, а уличното осветлување се ограничуваше во текот на ноќните часови.

Нема трошоци за репрезентации, службени патувања исклучиво за потребите на општинската администрација. Во делот на патните трошоци тие се намалени повеќе од 50% со тоа што во текот на годината е значително покачен процентот на реализација на буџетот за капитални инвестиции.

Готвење, перење после 22 часот, наместо две се пали само една светилка... На граѓаните не им се потребни препораки од страна на Владата за да се штеди, велат, сами штедат бидејќи сметките за струја и така се високи.

Дел од граѓаните кои не се греат на струја, туку користат друг енергенс додаваат дека и на тој начин трошоците се големи, бидејќи примањата се ниски. Сепак штедењето на државните институции и општините не е доволно бидејќи ЕСМ мора да купува струја од слободниот пазар за да ги задоволи потребите на домашниот регулиран пазар, односно домаќинствата, администрацијата и микро, малите и средни компании.