Општина Штип ќе набави шест автобуси на лизинг за јавен градски превоз

Од септември штипјани ќе добијат градски превоз.

Со почетокот на новата учебна година шест автобуси, кои ќе бидат набавени со лизинг, ќе сообраќаат на шест линии осум пати во текот на денот, а цената на билетот ќе изнесува 30 денари за градските линии со можност за 700 денари месечен билет, додека за приградските населби, возење во еден правец ќе чини 40 денари со месечен билет во износ од 800 или 900 денари.

Штипските советници изгласаа повеќе одлуки за воведување градски превоз, што и официјално ќе го врши Јавното Претпријатие „Стипион", а додавањето на нова дејност следи по двата неуспешни обиди од страна на општината да воведе јавен превоз со јавно-приватно партнерство.

Според граѓаните, пак, градскиот превоз е повеќе од потребен. Инаку, јавниот градски превоз, се очекува да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж, но и како алтернатива во време на зголемување на цената на такси-услугите.