Општина Кратово ја чека судска забрана за луѓето кои го узурпираа локалитетот “Камени Кукли“

И покрај најавите дека судот донел времена мерка, состојбата во Камени кукли кај селото Куклица засега останува непроменета. Луѓето кои со години го узурпираат локалитетот и понатаму се таму, а решението сѐ уште не е пристигнато кај адвокатот на Општина Кратово. Градоначалникот на Кратово Тодорче Николовски вели дека од адвокатот добил информација оти судот донел мерки против Стојна Димитровска Бут, но официјалниот документ сѐ уште не е доставен.

Случајот со локалитетот Камени кукли ја разбранува јавноста откако се појавија снимки на кои неовластени луѓе од посетителите бараат пари за влез на локалитетот, а им се закануваат и со кучиња. Од Општина Кратово најавија дека луѓето кои го користат просторот ќе бидат отсранети. Ако не сакаат доброволно, ќе мора да асистира полицијата Но, прашањето што се поставува е како е можно ваквата состојба да трае со години. На тоа прашање градоначалникот вели дека проблемот се заглавил во институциите и дека општината ги презела сите чекори што можела според законот.

Против Стојна Димитровска Бут, нејзиниот татко Милош и здружението „Извор“ веќе има обвинение за узурпација на недвижности. Општина Кратово, пак, доби и првостепена пресуда со која тие треба да го предадат локалитетот, но предметот сѐ уште не е правосилен. Во меѓувреме, јавноста дозна и дека Стојна Димитровска Бут во минатото била кандидат за советничка на политичката партија Единствена Македонија. Откако ова беше објавено во медиумите, реагираше лидерот на партијата Јанко Бачев кој потврди дека Стојна Димитровска Бут била на советничка листа како непартиска личност, но негираше каква било поврзаност на партијата со случувањата во Куклица.