Општина Битола: Проценителите за земјотресот се плаќаа согласно бројот на сработени предмети,со одобрение од советот
Проценителите биле плаќани во согласност со бројот на сработени предмети на претходно донесена одлука од Советот, а исплатата од околу 12 евра за оштетените доцнела поради погрешно доставени податоци од граѓаните - ова е одговорот од Општина Битола на прашањето на ТВ 24 во однос на апсурдноста при исплатата на штетите од земјотресот кога експертите што ја правеле проценката зеле и по 2000 евра хонорари додека оштетените граѓани само 700 денари.
Од таму потврдуваат и дека елаборатот изготвен од експертите бил со проценета штета од над 35 милиони денари а Владата одобрила само 1,7 милиони или 5 %.
„Средствата се префрлени на наменска сметка на Општина Битола на 24.12.2024 година.Доцнењето со исплатата на средствата добиени од Владата е поради
погрешно доставени податоци на дел од оштетените физички и правни лица како и поради згаснати/ непостоечки банкарски сметки, а бидејќи исплатата се прави на еден налог за сите 2435 правни и физички лица истиот неможе да се реализира доколку во него се наведени погрешни податоци.Согласно начелата во Законот за заштита на лични податоци не можеме поединечно да истакнуваме лица и износи на средства коишто им се исплатени.На членовите на Комисијата кои работеа на 2435 предмети им е исплатено согласно Одлука донесена од страна на советниците на Советот на Општина Битола во согласност со бројот на сработени предмети." - стои во одговорот од Општина Битола.
Поранешната претседателка на Советот Габриела Илиевска вели дека советниците гласаат предлози поднесени од градоначалникот а во случајот била изгласана одлука за формирање на Комисија за проценка на штети за да им се помогне на граѓаните.Советот ниту одлучувал кои луѓе ќе се во комисијата,колку и како тие ќе се исплаќаат,ниту пак потпишува налози за исплата додава Илиевска која целиот процес го оценува како понижувачки и манипулативен за граѓаните.
Како што и претходно објавивме според податоците на "Отворени финансии" и "Службен Гласник" Општината на седум лица од комисијата им исплатила околу 14.000 евра или од 1.600 до 2.400 евра за секој член.
Со оглед на епилогот на нештата дграѓаните остануваат во недоумица дали овој процес е воден за да им се помогне на нив или за да им се овозможат хонорари на членовите на комисиите?!

