Определен е 30 дневен притвор за поранешниот директор во истрагата за поткуп и проневера во СОЗР

Притвор за поранешниот шеф на СОЗР Пеце Мирчевски. Судот му одреди 30 дена притвор поради опасност од бегство или можност да влијае врз сведоци. Мирчевси се сомничи за фалсификување службена исправа, проневера во службата, несовесно рабоење, примање и давање поткуп. 

„Се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител и на осомничениот П.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење Опасност од бегство и Можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоците. Воедно прифатен и предлогот за определување мерки за претпазливост против Г.П. -Одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска да се јавува во судот, Забрана за воспоставување комуникација со други лица поврзани со кривичното дело.“ - Основен кривичен суд Скопје.

Обвинителство и официјално отвори истрага за Пеце Мирчевски и Горјан Пехчевски затоа што во периодот од 2021 до 2024-та година извршиле серија на кривични дела со што го оштетиле буџетот за околу 86 илјади евра.

„Првоосомничениот, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши. Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, односно потпишувал изјави за непостоење на судир на интерес и не се изземал во постапките за вкупно 5 јавни набавки на кои била избрана фирмата сопственост на второпријавениот, иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило “Фолксваген пасат” сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи.“ - Основно јавно обвинителство.

Актуелниот директор на владината служба не сподели детални информации и остави на надлежните органи да ја спроведат постапката до крај.

„Финансова полиција заедно со МВР спроведуваат акција, да оставиме да видиме каков заклучок ќе излезе од сето ова на крај.“ - Ивица Томовски директор на СОЗР.

Според наодите на обвинителството Мирчевски откако бил разрешен од директорската функција, од фирмата сопственост на Пехчевски-продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи возилото „Фолксваген пасат”, како и “Ауди Q8”, а со тоа се товари за кривичното дело-Примање поткуп. Пехчевски во својство на сопственик и управител на фирма, во повеќе наврати во период од три години, не се изземал од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки.

Во периодот од 01.01.2022 до 13.06.2024 година, во повеќе наврати, Мирчевски го оштетил буџетот на Службата за 29 илајди евра, потпишувајќи неосновани решенија за резервации за хотел, авио билети, решенија за упатување на службени патишта во странство и прикажувал невистинити податоци дека станува збор за службени потреби иако тоа не било така. За дел од овие патувања реагирала и Антикорупциската комисија.

Конкретно за патувањето во Бугарија во јануари 2022 година, поднеле иницијатива до поранешната вицепремиерка за добро владеење Славица Грковска, но оттаму до минатиот состав на ДКСК не пристигнал никаков одговор. Во периодот од октомври 2023 заклучно со јуни 2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на Авио службата при СОЗР, Мирчевски незаконски исплатил 56 илјади евра на капетан-водач на авион иако знеле дека статусот му е пилот.