Опозициски протест во Албанија: „Рама, оди си“
Foto

Опозициски протест во Албанија: „Рама, оди си“

Под силни безбедносни мерки, во Тирана нов шести по ред протест на Обединетата албанска опозиција. Според опозициски извори, на протестот се собраа околу 60 илјади граѓани од целата земја. Младите од албанските младински форуми беа во првите редови пред полицискиот кордон, носејќи бели ленти во раката за да ја смируваат толпата. Сепак, дел од демонстрантите кои од Владата се упатија кон Собранието, фрлаа со тврди предмети кон полицијата, која возврати со водени топови за да ја разбие толпата. 

Лидерите на опозицијата апелираа протестите да бидат мирни и да не се повторат оние од 11 мај кога имаше повредени демонстранти и полицајци. Над 2 илјади полицајци беа ангажирани за безбедноста. На клучните места имаше поставени камери со висока резолуција со кои се следат протестите, а реонот околу Владата и парламентот е опкружен со железни огради и бодликава жица. 

На автобусите со демонстранти кои пристигнуваа од целата земја, не им беше дозволено да влезат во градот. САД, делегацијата на ЕУ и амбасадите на земјите-членки на ЕУ и ОБСЕ повикаа протестот да биде мирен и ненасилен. Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, обраќајќи им се на присутните, рече дека пораката треба да ја слушне целиот свет, Рама оди си.

„Плоштадот е исполнет со луѓе со храброст, решителност. Вечерва Ве гледам и Ве слушам, но Ве гледа Европа и целиот свет, ја гледа надежта која никогаш нема за згасне. Ја сакаме Албанија како цела Европа. Ова е пораката, ова ги собра Албанците“ - рече Љуљзим Баша – лидер на Демократската партија 

По завршувањето на говорот пред Владата, Баша ги повика демонстрантите да се упатат пред Парламентот. Ги повика да ги запалат светлата на телефоните, нарекувајќи ги светла на надеж. Премиерот Еди Рама уште еднаш му се обрати на опозицискиот лидер Љуљзим Баша со јавно писмо, во кое повторно повикува на безусловен дијалог. 

Претставници на делегации на ЕУ и САД ги повикаа страните за конструктивен дијалог за да се најде излез од актуелната политичка ситуација во земјата. Опозициските партии бараат формирање преодна влада која  би организирала предвремени избори. 

 

 

 

 

 

 

 

0 Коментари

Остави коментари