Опозицијата обвинува за суспендирање на визите, власта најавува добри вести од САД
Владата најавува добри вести, опозицијата обвинува за изолација и дипломатски неуспех. Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на иселенички визи за македонските граѓани отвори нов судир меѓу власта и опозицијата.
Премиерот Мицкоски денеска го повтори ставот на Министерот за надворешни работи дека станува збор за стопирање само на иселеничките, но не и за другите визи и тврди наскоро ќе има позитивни вести од САД.
Христијан Мицкоски – Претседател на Влада
„МНР веќе даде свој коментар за ова, станува збор за имигрантските визи, не за визите за студирање или туристички посети. Но, јас мислам во деновите кои што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за Македонија во наредниот период“.
Според опозицијата пак одлуката на САД е јасен политички сигнал и предупредување дека Вашингтон внимателно ја следи состојбата во земјава и дека гледа проблеми во функционирањето на институциите.
Андреј Жерновски - СДСМ
„Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски кои водат кон затворање, кон изолација на земјата. САД испраќаат порака дека не се задоволни од капацитетот на државата, дека постои недоверба во институциите и дека очекуваат реформи кои не се спроведуваат“.
Со реакција се јавија и од Левица, од каде велат дека дека надворешната политика на Владата се свела на симболични средби и фотографии со американски функционери без влијание врз клучните одлуки, внесувајќи ја државата во „стратешки ќорсокак“.
Шефот на дипломатијата - Муцунски не сакаше да открие која е причината за ваквата одлука на САД, иако земјава била информирана за одлуката на Вашингтон, а не се открива и бројката на апликации за иселенички визи од земјава.
На листата суспендирани земји, покрај Македонија се и седумдесеттина други земји меѓу кои и Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белорусија, Ирак, Иран, Нигерија, Сирија и други.
Од Стејт департментот соопштија дека се во процес на целосна ревизија на сите политики, регулативи и упатства за да се осигурат дека имигрантите од овие земји нема да користат социјална помош во Соединетите Држави или да станат јавен товар.

