Опозицијата обвинува: Павлова Данева е партиски избор
Откако беше повлечена кандидатурата за уставен судија на поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, кандидатка за уставен судија е поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Ана Павлова Данева.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, уставен судија да биде професорката од Правниот факултет, Родна Живковска беше отфрлен уште пред неколку месеци. Денеска на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека функцијата потпретседател на СДСМ што Данева ја извршуваше, е доволна причина таа да не биде избрана за уставен судија.
И покрај барањето на опозицијата, предлогот Данева да биде нов уставен судија да биде повлечен, Диме Велковски од СДСМ рече дека партијата останува на предлогот а тој лично ќе гласа ЗА.
Откако Марија Петрушевска нагласи дека опозицијата може да изгласа отфрлање на предлогот, бидејќи се побројни во салата, претседателката на комисијата побара еден час пауза.
Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија. Тој тогаш изјави дека изненадувачки и вулгарно било тоа предлогот да биде повлечен без да се наведат основни причини за тоа поради што му била нанесена штета.
Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје.Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.