Опозицијата обвинува дека достигна 405 милиони евра, финансии велат се е под контрола

За 130 отсто е зголемен буџетскиот дефицит во првиот квартал годинава во споредба со првите три месеци од ланската година. Буџетската дупка за само три месеци е продлабочена за 405 милиони евра, овие информации денеска ги објави дополнителната заменик министерка Елена Петрова.

Документите кои ги прикажа Петрова за работењето на финансии во анализираниот период покажува и дека има пораст на вкупните расходи на државатаза 21,3 отсто, или поточно за 286 милиони евра. Приходите пак се зголемени за 5,3 отсто, односно за 61, 2 милиони евра.

Техничката заменичка од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владата дека во државната каса нема доволно пари за плати и пензии согласно предвидените зголемувања на примањата на вработените во јавниот сектор и адмионистрацијата, и за новите износи на пензионерите. 

„Не се обезбедени средства за пораст на платите за околу 26 милиони евра, и средства за пораст на пензиите околу 70 милиони евра, односно вкупно 96 милиони евра по двата основи.“ - вели Петрова.

Од Министерството за финансии се децидни, буџетот е ликвиден и редовно се сервисираат сите обврските. Приходите се собираат во согласност со предвидениот план. Во однос на буџетскиот дефицит, велат дека се се одвива согласно планираното со усвоениот буџет за годинава.

„Во првиот квартал од 2024 година се реализирани приходи во износ од 69,4 милијарди денари што е за 4,8% повеќе во споредба со тој период од 2023 година и претставува 22,4% од планираното со Буџетот во 2024 година. Расходите се реализирани на ниво од 83,9 милијарди денари што е 24,4 % од планираното и за 20,1 % повеќе од лани. При тоа дефицитот реализиран во првиот квартал од оваа година изнесува 14,5 милијарди денари.“ - велат од Министерство за финансии.

Информациите од дополнителната министерка Петрова велат дека капиталните расходи се скратени за речиси 10 милиони евра. Од 35 министерства и други државни органи во првиот квартал годинава имаат реализација на капитални проекти од 15 отсто од годинешниот план.