Опозицијата бара предвремени избори, власта вели следни избори во 2024
Foto

Опозицијата бара предвремени избори, власта вели следни избори во 2024

Дел од помалите коалициски партнери на СДСМ ќе чекаат Димитар Ковачевски да го испорача ветеното. До 15 март Македонија да биде една изборна единица, а потоа ќе ја разгледуваат понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за измени во изборниот законик и предвремени парламентарни избори.

Лидерот на ДС, Павле Трајанов е задоволен со променетиот став на опозицијата, но засега останува во владината коалиција.

Тој смета дека наместо техничка, потребна е експертска влада, која би се составила дваесет дена пред сите избори, со цел да се избегне нефункционалноста на пржинскиот модел. Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, го поздравува променетиот став на ВМРО-ДПМНЕ, но партијата е против предвремени избори. Таа за ТВ24 вели дека местото за дебата е Собранието, бидејќи таму веќе десет месеци има два предлога во однос на ова прашање. Вели, ставот на нејзината партија е да нема изборен праг и да има еднаква застапеност на мажи и жени на изборните листи. 

Од ДУИ за ТВ24 велат дека Изборниот законик ги определува правилата за сите, па затоа треба да биде усвоен консензуално, а не еднострано. Техничката влада според нив треба да се укине. Сметаат дека е апсурдно земја - членка на НАТО, која има зелено светло за преговори за членство во ЕУ да има техничка влада, но тоа не значи нарушување на коалицискиот договор – Сто дена пред избори да има премиер албанец, за што како што велат, поддшка добиле и од ВМРО-ДПМНЕ, но и од сите партии на албанците.

Барањето за предвремени избори од ВМРО-ДПМНЕ го повторија и денеска, со аргументи дека е единствен начин да се излезе од четирите кризи во кои во моментов се наоѓа Македонија.

Од СДСМ, децидни - Избори ќе има во 2024 година, во редовниот термин, а дотогаш треба да се исполнува владината програма

Измени во Изборниот законик со кои Македонија ќе стане една изборна единица беа предложени и од претходниот пратенички состав, но тогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го блокираа предлогот со амандмани, па тој никогаш не дојде на дневен ред на пленарна седница.

0 Коментари

Остави коментари