Опасност од труења во лето
Забрана за работа за ресторани и месарници, парични казни за нехигиена во угостителски објекти, неправилно декларирање на храната, сладоледи со истечен рок, несоодветно чувано месо. Ова се само дел од неправилностите кои инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ги констатирале при контролите на терен.
Директорот на Агенцијата вели дека во изиминативе четири дена вонредни контроли биле извршени во охридско-струшкиот регион и во Дојран, при што инспекторите влегле во 92 објекти, меѓу кои хотели, ресторани, сендвичарници, маркети и месарници....
„Заклучно со вчерашниот ден издадени беа четири решенија за забрана за работа, а изречени беа 47 парични казни, како небезбедни и уништени беа вкупно 8 600 килограми на храна. Во претходниот период на подрачјето на Општина Струга од надлежен инспектор има запленето 28 800 парчиња од разновидни врсти на сладолед поради истечен рок на употреба. Во вторникот вонредни инспекциски контроли беа во Дојран, таму од 18 посетени објекти 12 имаат неусогласувања со законските и подзаконските акти и тие имаат парична казна која што ќе треба да ја платат.“ - вели Оливер Миланов директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Лекарите апелираат на претпазливост од труење со храна. Советуваат да се избегнува брза храна, а да се конзумира повеќе свежо овошје и зеленчук. Предупредуваат дека во одредени случаи, особено кај деца труењето може да предизвика потешки симптоми и компликации.
„Подготвената храна ако свежа не ја искористат тогаш треба да ја стават во фрижидер затоа што за многу кратко време во неа може да се развијат доволен број на бактерии коишто ќе ги испуштат токсините во храната и тој што ќе ја конзумира таа храна ќе има проблеми и ќе настане труење со храна, се што стоело надвор повеќе од три-четири часа на овие температури не е сигурно да се конзумира затоа што може да предизвика труење со храна, а тие не се така несериозни, може да предизвикаат сериозни проблеми и исклучително се опасни кај деца и повозрасни. Сега е лето има во изобилие овошје и зеленчук, повеќе тоа да се конзумира, а посебно да се внимава во слаткарници со сладолед, продавници коишто се продава брза храна, посебно сендвичите кои содржат производи од мелено месо, кое е многу лесно расипливо исто како и мајонезот, значи тука многу да се внимава и од пракса знаеме дека најчесто труењата настануваат или во слаткарници или во продавници за брза храна.“ - вели д-р Андон Чибишев директор на УК за токсикологија.
Со оглед на топлотниот бран и високиот ризик од појава на труење со храна од Агенцијата за храна најавуваат дека контролите ќе продолжат со засилено темпо и во следниот период.