Онлајн настава: Контроверзии, дилеми и отворени прашања, МОН уверува, процесот ќе функционира
Foto

Онлајн настава: Контроверзии, дилеми и отворени прашања, МОН уверува, процесот ќе функционира

Децата да се вратат во училиштата и наставата да започне со физичко присуство на учениците, ова е ставот на дел од родителите што ги анкетираше ТВ 24, по вчерашната презентација на планот за онлајн учење. Родителите со низа дилеми околку платформата на Министерството. Велат дека и без тоа децата сега се собираат по игралиштата, а се сомневаат и дека онлајн наставата ќе даде ефекти.

И дел од средношколците се сомневаат во квалитетот на он-лајн наставата. 

Од Средношколскиот сојуз за ТВ 24 велат дека се сомневаат дека наставниците ќе имаат доволно време да се подготват, а велат и дека платформата остава простор за манипулација и мамење од страна на учениците, особено на квизовите. 

„Ние имавме електронски дневник во изминативе 10 години, а дел од наставниците се уште не знаат како да ги внесат електронските оценки и сега останува сомнежот дали за две недели ќе научат толку брзо да ја користат платформата. Од друга страна пак се остава простор за манипулација од страна на учениците кои што се неколку чекори напред, пред наставниците. Знаеме како при валидација на националната платформа, учениците можат да најдат многу начини да направат манипулација на квизот или слично“ - вели Бленди Ходаи – претседател на Сојуз на средношколци. 

Од Средношколскиот сојуз велат дека следната недела ќе одлучат дали ќе ја бојкотираат наставата со оглед на тоа што тие бараа комбиниран модел. Сепак не ја исклучуваат и можноста да направат компромис и од први октомври да почнат онлајн, а потоа да продолжат постепено да се враќаат во училиштата.

Стартот на новата учебна година ќе биде предизвик и за наставниците, но дел од нив се убедени дека учебната година ќе започне успешно, па макар и на далечина. 

Директорката на ОУ „Димитар Македонски“ вели дека ништо не може да го замени физичкото присуство на учениците, но и дека не треба да се гледа со толку сомнеж кон онлајн наставата. 

Од Министерството за образование и наука пак тврдат дека и 40.000 деца кои што немаат уреди за следење на онлајн настава ќе добијат можности за учење како и останатите деца. Тие ќе можат или физички да присуствуваат во училиштата или пак училиштето да им доставува печатени материјали, а за да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали. 

Инаку според здравствените власти веќе се разгледува и можноста за почнување и со целодневна настава во училиштата, но конечната одлука ќе биде донесена в понеделник.

0 Коментари

Остави коментари