“Онлајн ценовници“ на маркетите - на листата над 4 500 производи - трговците бараат дополнителен рок
Цените мора на интернет, ама што ако никој не ги гледа? Од денеска, сите маркети, аптеки и продавници за техника и мебел се обврзани секој ден да ги објавуваат цените на своите веб-страници.
Стартува примената на Правилникот, кој е дел од измените на Законот за заштита на потрошувачи. Некои трговци веќе ги поставија ценовниците, но без функционален пребарувач, снаоѓањето во илјадници ставки е речиси невозможно.
„Трговецот кој врши дејност ‘трговија на мало’, согласно Националната класификација на дејностите, ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените - Ценовник.“
Цените мора да бидат јавно достапни, без регистрација, со наведени тековна, единечна и промотивна цена. За помладите ова е напредок, но постарите велат дека новите правила за нив немаат ефект, тие ретко или никогаш не користат интернет.
Според новите правила, трговците мора да ги ажурираат цените секој работен ден до 10 часот, а грешките да ги исправат во рок од 24 часа, за да избегнат казни и до 10 илјади евра.
Освен транспарентност, измените на законот предвидуваат и поригорозни казни. Маркетите што ќе ги прекршат правилата може да добијат и 15-дневна забрана за работа. И додека поголемите маркети се адаптираа, малите трговци се жалат дека немаат технички капацитет за новите обврски. Некои трговски здруженија бараат пролонгирање на роковите, но Министерството за економија е децидно: транспарентноста мора да се зголеми, за да се поттикне конкуренцијата и да се намалат цените.