Онколошките пациенти утре на симболичен протест, повторно нема терапија на Онкологија
Утре, онколошките пациенти симболично ќе се појават пред Министерството за здравство, а за да не се изложуваат на високи температури, симболично неколку пациентки ќе се појават за да ги потсетат надлежните дека континуираниот недостик на онколошка терапија е сериозен проблем за пациентите. Ана Марјановиќ од здружението „Хема –Онко“ за Тв 24 вели дека никој не прашува како се чувствуват пациентите кога ќе бидат вратени заради одложена терапија или недостиг на терапија. Марјановиќ која и сама е онколошка пациентка порачува дека тоа ги прави да се чувствуваат незаштитено и исплашено, додека една од препораките за онколошките пациенти е да го намалат стресот.
Ана Марјановиќ-онколошка пациентка, Здружение „Хема-онко“: „Без оглед дали станува збор за тендери, за буџети, сметавме во минатото дека ги надминавме овие одредени проблеми. Проблемот со невремена терапија продолжува. Од мај месец, откако е на сила новиот буџет на три пати се случува одредени лекови да недостасуваат на Онкологија. Овој пат, не станува збор само за билошка терапија, станува збор и за цитостази, за лекови кои се и на позитивната листа. Ваквите континуирани недостатоци на терапија кои се појавуваат на секои два месеци или секој месец-за онколошките пациенти навистина претставува проблем.“
За недостикот на терапија повеќе пациенти алармараа на социјалните мрежи дел од нив биле и вратени, а дел пак кои доаѓаат од внатрешноста секојдневно бараат инфорамции дали воопшто на жештините да доаѓаат во Скопје. Советничката во Град Скопје Катерина Цаневска, која исто така е онколошка пациентка, со порака до надлежните дека пациентите не бараат изговори и празни ветувања.
Катерина Цаневска -онколошка пациентка: „Золадекс, Фулвестрант, Рибоциклиб, Иринотекан… Ова се дел од лековите за болните од рак кои сега ги нема. За некого ова се само имиња на лекови. За онколошките пациенти, тоа се денови живот, надеж и шанса да ја дочекаат следната контрола. Секое одложување може да значи изгубена битка што некој не смеел да ја дозволи. Најтешко е што пациентите, покрај борбата со ракот, се принудени секојдневно да се борат и со системот. Да молат, да чекаат, да се јавуваат, да прашуваат дали конечно пристигнала терапијата. Тоа не смее да биде реалност во држава што тврди дека се грижи за своите граѓани.“
Директорот на Онкологија, Игор Стојковски пак за Телевизија 24 вели дека најголемиот дел од препаратите веќе пристигнале на Клиниката, а во текот на оваа недела ќе бидат достапни и преостанатите.
Игор Стојковски-директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје: „Кај мал дел од препаратите што се наоѓаат на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување имаше краткотрајно доцнење во испораката поради зголемената потрошувачка, поголемиот број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки, како и делумниот недостиг кај дистрибутерите. Состојбата се надминува во координација со дистрибутерите, Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Во ниту еден момент не беше доведен во прашање исходот од лекувањето на пациентите.“
Онколошките пациенти се соочуваат со години со проблем со недостаток на терапија, дополнително алармираат и за нечовечките услови на Клиниката со гужвите, но и со проблемот кој константно го имаат со скрининзите.

