Онколошките пациенти денес ќе протестираат пред Министерството за здравство

Онколошките пациенти денес симболично ќе протестираат пред Министерството за здравство поради повторениот недостиг на лекови на Клиниката за онкологија.

Поради високите температури, на протестот ќе присуствуваат само неколку пациентки, со цел уште еднаш да укажат на проблемот со честите прекини во снабдувањето со терапија.

Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“, која и самата е онколошка пациентка, вели дека пациентите повторно се соочуваат со неизвесност и стрес, бидејќи не знаат дали ќе ја добијат потребната терапија навреме.

За недостигот на терапија деновиве алармираа и повеќе пациенти на социјалните мрежи. Дел од нив велат дека биле вратени без да ја примат терапијата, додека пациентите од другите градови секојдневно се јавуваат за да проверат дали воопшто има лекови пред да патуваат до Скопје.