ОН со порака: Бугарија да дозволи регистрација на македонските здруженија

Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на нивниот слободно избран идентитет, соопштија за „Гласот на Америка“ од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации на барањето да го искоментираат условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство.

Од ОН го посочуваат извештајот што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, согласно кој, Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

- Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките што се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права. - велат од Канцеларијата за човекови права на ОН.

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од регистрaцијата на Здружението Цар Борис III во Охрид, кој бил монарх на Бугарија за време на Втората Светска Војна. Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија.

Несфатлива е рамнодушноста на надлежните органи во прилики кога одредени поединци на најгруб начин ја искривуваат историјата и газат по достоинството на Евреите и на сите граѓани на Северна Македонија, додаваат од еврејската заедница која почна и истрага дали куќата во Битола во која е регистрирано здружението Ванчо Михајлов претходно била на депортирано еврејско семејство.