ОН: Бугарија да ги преземе сите мерки за гаранција на правата на македонското малцинство

Обединетите Нации бараат од Бугарија да ги гарантира правата на македонското малцинство.

Во пресрет на одбележувањето на 75 години од декларацијата за човекови права, Комитетот за елиминација на расна дискриминација на ОН, објави нов извештај, во кој се наведени остри заблешки за Бугарија. 

- Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување. 

Во извештајот е потенцирано и дека постојат пречки за регистрација, а македонските здруженија се одбивани од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите во Бугарија. 

- Комитетот препорачува државата членка да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на ефективно уживање на човековите права од страна на лицата кои припаѓаат на етничките малцинства, вклучително и македонските и помачките малцински групи, вклучително и преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права.

А ОМД денеска повика на акција за заштита на правата на Македонците во Бугарија, Грција и Албанија. 

- Да се стави крај на дискриминацијата. Признајте и почитувајте го уникатниот културен идентитет на македонските и сите останати заедници заедници, обезбедувајќи зачувување и промоција на нивниот јазик, традиции и наследство. Треба да има олеснување на активното учество на Македонците и останатите малцински претставници во политичките процеси, обезбедувајќи правична застапеност на сите нивоа на власта. - велат од ОМД.

Официјалната позиција на Бугарија е дека не постои македонско малцинство. Пред Првата политичка меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, официјална Софија достави декларација во Брисел, во која пишува дека Бугарија не го признава македонскиот јазик. Од друга страна, пак, Макеоднија има обврска да ги вметне Бугарите во македонскиот устав ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ. 

Пред половина година, на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик, по обвинувањата на официјална Софија дека земјава не ги почитува човековите права, премиерот Ковачевски порача дека Бугарија се однесува кон Македонија како Русија кон Украина.