Омаж за Љупчо Тодоровски – Упа
Foto

Омаж за Љупчо Тодоровски – Упа

Кинотека вечер ќе одржи омаж за Љупчо Тодоровски – Упа,  актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент. 

Во чест на прерано починатиот Упа ќе биде прикажан мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски, каде оствари една од последните улоги и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм.

Упа играл во триесетина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.

– Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи, посочуват од Кинотека. 

Љупчо Тодоровски – Упа е еден од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, воден од творечкиот немир и можноста за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години… Го „пече“ занаетот покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год., покрај актерството, се занимаваи со филмска и ТВ продукција, пишува сценарија и работи кастинг директор (избор на актери)…, 

-Новиот милениум го почна со главната улога во играниот филм „Одмазда“ на Јан Хитјенс, а една од последните главни филмски улоги ја оствари во филмот „Ругање со Христос“. Неостварен сон му остана реализацијата на долгометражниот игран филм „Мајсторот“, за кој го напиша сценариото уште во 2010 година. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков, стои во соопштението од Кинотека.

Упа играше во филмовите „Јазол“ (1985), „Пред дождот“ (1994), „Освета (2001), „Војната заврши“ (2010), „Џган“ (2016), „Ругање со Христос“ (2018) и во краткиот игран филм „Налепница“ (2019).

0 Коментари

Остави коментари