Олеснет пристап за новинарите до услугите на ЈП Службен весник

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ЈП Службен весник на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон подобрување на пристапот до правни информации и унапредување на информирањето во јавен интерес.

Преку оваа соработка, членовите на ЗНМ ќе добијат бесплатен пристап до сите релевантни закони, подзаконски акти и правни документи преку мобилната апликација на ЈП Службен весник на РСМ - овозможувајќи им постојан и лесен пристап, без разлика на времето и местото. Иницијативата има за цел да ја зголеми правната транспарентност и да придонесе за повисок квалитет и професионализам во новинарското известување.

„Новинарите имаат право и обврска да ги информираат граѓаните точно, навремено и со интегритет. Овој меморандум претставува значаен чекор во таа насока, бидејќи пристапот до точни и проверени правни информации и консолидирани законски текстови е суштински за добро информирани граѓани“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.