Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен
Foto

Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ попладнево се врати од брејк негатива во третиот и во четвртиот сет, во кој спаси и сет топка на противникот, за на крајот да го совлада Александар Зверев со 3:1 (6-7, 6-2, 6-4, 7-6), и по деветти пат да обезбеди пласман во полуфиналето на Австралија Опен.

Мечот траеше три часа и 30 минути. За Ѓоковиќ, кој ја брани титулата на Австралија Опен, ова ќе биде 39. грен-слем полуфинале во кариерата, а во сите осум претходни во Мелбурн на крајот српскиот тенисер го освојуваше трофејот.

Негов противник во полуфиналето ќе биде најголемата сензација на првиот годинашен грен-слем, Аслан Карацев.

Рускиот тенисер, кој е 114-то рангиран на АТП листата обезбеди настап на завршниот турнир преку квалификации, а во четвртфиналето славеше над бугарскиот тенисер Григор Димитров со 3:1 во сетови.

 

Ѓоковиќ и Карацев досега немаат играно меѓусебе.

Петдневната блокада во Викторија, Австралија, ќе заврши како што беше планирано на 17 февруари во 23:59 часот по локално време, освен ако во средата наутро не дојде до скок на позитивни случаи со коронавирус. Државната влада денес одржа состанок за финализирање на планот за завршување на „локдаунот“ в четврток, објави „Herald Sun“.

Планот за повторно отворање на државата се очекува да биде одобрен утре наутро. Според изданието, гледачите повторно ќе бидат примени на Австралија опен, но нивниот број ќе биде намален во споредба со првично предвидениот. Новинарот Хозе Моргадо известува дека 12.500 навивачи ќе бидат примени на полуфиналните и финалните мечеви на Грен слемот во Мелбурн.

0 Коментари

Остави коментари