Охридскиот Центар за култура со стари проблеми, ресорното министерство не дава финансии за промена на дограмата

Иако аплицирале за државна помош, охридскиот Центар за култура и понатаму ќе продолжи да работи во тешки услови што најмногу се однесува во делот на старата дограма и инвентар. 

Министерството за култура ги одбило неколкуте апликации од центарот за добивање финансиска помош за подобрување на енергетската ефикасност, па проблемите со просториите кои тешко се загреваат, а брзо се ладат и понатаму ќе се најгорливи за менаџментот на установата.

„Не добивме пари. Имавме аплицирано со проект да се замени дограмата во НУ. Не беше одобрена програмата, побаравме со проект да се сменат и влезно -излезните врати, во двете сали и тој проект беше одбиен. Во тој поглед не сум задоволен , но не се откажуваме“ - вели Горан Симоноски, директорот на НУ Центар за култура.

Кога државата не помага, решението е во самоснаоѓање и индивидуално изнаоѓање решение за проблемите. Директорот надеж гледа во наклонетоста на бизнис секторот од Охрид со чија помош неколкупати досега направиле помали зафати.

„Имавме реновирање и на изложбениот салон кој одамна не беше белен. Работиме колку можеме во соработка со стопанствениците кои помагаат според можностите“ , информира Симоноски.

Реновирањето на просториите е неопходно со оглед на фактот што е зголемен и бројот на претстави, филмски проекции кои се прикажуваат, но и бројот на посетители.

Симоноски очекува идниот период ресорното министерство Агенцијата за филм да помогнат барем со набавка на нова опрема за проектирање на модерни филмски изданија во 3Д.