Охридската пастрмка е во се полоша состојба и на раб на истребување. Се повеќе се влошува нејзиниот и онака загрозен статус, предупредуваат експертите.
Дополнително три години по ред, од 2019, 2020 и 2021 година не се врши вештачки мрест на ендемичниот вид риба во Хидробилошкиот завод, информира м-р Зоран Спиркоски од одделението за практично рибарство и аквакултура.
Една од главните препреки зошто нема вештачки мрест е административна пречка во Програмата за рибарство и аквакултура. Таа се носи на крајот или на почетокот од новата година и не се поклопува со тајмингот на законската процедура во законот за јавни набавки за ангажирање на рибари која трае 70 дена, а мрестот стартува на 20 јануари, вели Спиркоски.
Како втора причина се наведува и неповолната хидролошка состојба со Билјанини извори. Водата е со влошен квалитет и намалена количина потребна за нивното мрестилиште.
Во Хидробиолошкиот институт, кој е основан во 1935 година, прекин на вештачкиот мрест на Охридската пастрмка претходно имало единствено во далечната 1942 и во 1998 година и за жал во последниве три години.
За лошата состојба во која се наоѓа пастрмката неодамна информираа и нуркачите од клубот „Амфора“ кои за време на нивните секојдневни подводни активности,сведочат за постојаното уништување на веќе значително осиромашениот рибен фонд на Охридското Езеро преку немилосрдното изловување и тоа во период кога пастрмката е најранлива и кога најмногу треба да се размножува.
0 Коментари