Охрид влегува во ек на сезона, цените и оваа година главна тема
Охридските плажи и ресторани го живеат екот на летната сезона исполнети со туристи, но и годинава цените на услугите се главна тема за разговор на сите јазици.
И додека дел од домашните гости велат дека охридското лето одамна станало луксуз со сериозни математики, изненадување има и кај странците.
Оние кои допатуваа со очекување за евтина балканска авантура, се соочуваат со реалноста дека Охрид повеќе не е дестинација „за без пари“.Сепак, нивниот генерален впечаток е позитивен – вреди секој потрошен денар за она што може да се види и доживее тука.
Од хотелско угостителскиот сектор велат дека драстични поскапувања од претходното лето нема иако во меѓувреме зголемени се цените на сите ресурси.Според нив Охрид и Струга и поматаму остануваат најефтини дестинации во регионот.
На крајот, Охрид се наоѓа на крстопат помеѓу желбата да биде конкурентна европска дестинација и реалноста на домашниот пазар. Растот на трошоците наметна нови цени кои полека ги менуваат навиките и на странските и на домашните гости, па прилагодувањето на овој нов економски бран ќе биде главниот предизвик за сите во претстојните сезони.

