Охрид: Со гала-концертот „Љубов“ вечерва се отвора 66-тото издание на Охридско лето

Со гала-концертот „Љубов“, на кој ќе настапат светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, вечер во 21 часот на сцената на Античкиот театар ќе биде отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето. Концертот ќе биде под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми, во придружба на Национална опера и балет.

Директорот на Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека фестивалот веќе 66 години успешно ја гради својата меѓународна репутација претставувајќи мост меѓу културите, народите и генерациите.

Како директор на фестивалот чувствувам особена одговорност, но и привилегија да бидам дел од приказната што со децении ја обликува духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. Охридско лето не е само фестивал, тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите, рече Цуцковски.