Охрид “се бори“ за да го зачува статустот, власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат

Во пресрет на одлуката на УНЕСКО, дали Охрид ќе биде преместен на листата на светски наследства во опасност – власта и опозицијата во отворен клинч за тоа кој ја влошил состојбата.

​Опозициската СДСМ обвинува дека локалната власт нема реализирано ниту една препорака од мисиите на УНЕСКО, туку дополнително ја влошила состојбата со инфраструктурата, урбанизмот и дивоградбите. 

​За локалната самоуправа пак обвинувањата на СДСМ се  лицемерие, тврдејќи дека токму претходната власт го довела градот до бездна.

„Статусот на УНЕСКО се брани со конкретни дела на терен, а не со партиски соопштенија. Се брани со: Изградба на прочистителната станица во Трпејца; Километри нова фекална канализација во клучните зони,вклучително Горно и Долно Лакочереј; Стриктно почитување на Планот за управување, со кој за само  пет години се донесени три урбанистичкипланови ставајќи крај на урбанистичкиот хаос." - велат од Општина Охрид.

​И додека траат меѓусебните обвинувања, Владата купува време односно побара дополнителен рок од 6 години од УНЕСКО за да постапи по забелешките, со цел да се избегне официјалното впишување на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност.Конечната одлука треба да биде донесена на 22. јули, во рамки на 48. сесија на Комитетот за светско наследство, што се одржува во Бусан, Јужна Кореја.