Охрид повторно е светска уметничка сцена, отворено 66. „Охридско лето“ со оперската дива Јахо и тенорот Кастроново

Со гала концертот на оперската дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД, во придружба на Оркестарот на Македонската опера под диригентска управа на маестро Марко Боеми од Италија вчера е отворено годинашното 66. „Охридско лето“.

Пред полнетиот аудиториум на Античкиот театар на отворањето се обрати покровителот на Фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја истакна моќта на уметноста да ги надминува поделбите, конфликтите, границите...

-  Фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении претставува симбол на врвната уметност, културниот дијалог и духовното поврзување меѓу народите. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, рече таа.