Охрид и Струга спас за дел од Албанците погодени од земјотресот
„Беше страшно, објектите ги поместуваше цели 30 секунди,кога се раздени гледавме само повредени и мртви лица околу нас.”
Видно потресен младиот Алфред Семини од Драч за тв 24 раскажува за утрото и страотниот земјотрес. Вели градот во кој живее од раѓање сега е мртов.
„Ужасно беше тоа утро, сите спиевме, бевме во шок. После силниот земјотрес на секој час имаше нов и нов, некои помали некои поголеми no беше многу страшно. Потоа не раздени апокалипса.Урнати згради, луѓе под урнатитините, буквално цел град сега е мртов и ќе треба многу време да се врати во нормала. Бевме надвор и следевме вести постојано,десетици мртви илјадници повредени.Нашата куќа за среќа има мали оштетување но сепак не можеме да се вратиме додека не направат проценка дали е безбедно.“ - раскажува за Тв 24 Алфред Семини жител на Драч.
Целото семејство на Алфред е на привремен престој во Охрид.Бидејќи и нивниот дом е прилично оштетен засолниште нашле во една од вилите на охридското крајбрежје која им понудила бесплатен престој и храна која пак е донација од Црвениот крст. Неговиот татко низ солзи вели цели 60 години не се случила таква катастрофа која однела се што граделе со години но она по што најмногу жалат е големата бројка загубени човечки животи.
„ Многу сум тажен и не можам да поверувам уште што се случи. Ова е голема трагедија за сите нас. И сега уште градот не е безбеден затоа дојдовме овде во Охрид каде се чувствуваме безбедно, но до кога ќе останеме не знаеме.“ - вели Павли Трендафили жител на Драч.
Она што во овие моменти им ја олеснува тагата е хуманиот гест на семејството Темелковски кои на нив и на уште неколку семејства им нуди бесплатно засолниште.Во хуманата акција се вклучени уште многу други станоиздавачи, хотели, апартамни и вили од Охрид и Струга. Со полна пареа работат и екипите на Црвениот крст.
Според информациите уште неколку автобуси со жители од Драч се најавени да пристигнат во следните денови. И поголемите хотели ги отворија вратите за погодените граѓани, а граѓани од Охрид и Струга индивиудално со свој превоз праќаат храна облека и вода до жителите од соседството.