Охриѓани предвреме влегоа во езерото во обидот да го фатат светиот крст, најсреќен беше Мартин Гоџо

Младиот варошанец Мартин Гоџо е најбрзиот и најсреќен фаќач на чесниот крст меѓу стотиците капачи кои денеска запливаа во осветените води на Охридското Езеро.Ова му е вторпат како го фаќа крстот, вели чувството е возвишено.

Од градоначалникот и општината, Гоџо беше даруван со икона и рачно изработен филигран.

Годинешната манифестација во Охрид беше масовно посетена од верници,домашни и странски посетители, капачи од градот поблискиот регион но и од други градови во земјава. Службите на Црвениот крст и здравствените екипи имале неколку интервенции.

Масовната посетеност за овој голем празник прераснува во традиција која го развива туризмот и економијата во туристичкиот центар. Крстот во водите на Охридско Езеро го положи Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. На манифестацијата присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Прославата на празникот Богојавление - Водици по традиција во Охрид продолжува утре со манифестацијата „Денот на рибарите" која ќе се одржи на месноста "Сараиште".