Охриѓанец паднал во отворена шахта, судот пресудил дека тој треба да плати отштета, бидејќи требало да гледа каде оди
Охриѓанецот Илија Џепароски паднал во отворена шахта по што се здобил со сериозни повреди на ногата, го тужел претпријатието "Нискоградба", но наместо тие нему да му платат оштета сега тој треба нив да им исплати двеста илјади денари оти "не гледал каде се движи".
Џепароски вели дека шест месеци одел по болници, со лонгета на ногата, а сега се чувствува и како лице со инвалидитет.Во меѓувреме му стигнало писмо од извршител за наплата на санкцијата, каде било наведено дека може да се жали во судот во Охрид, но не и датумот до кога има рок за жалба.
- Случајот го дадов на суд. Прво од ЈП „Нискоградба“ пробаа да се договорат со мене, но јас не прифатив и ги дадов на суд. Но, за жал во овој суд се уште има судии кои не ни дозволуваат да ја истераме правдата. Јас ги тужам за паѓање во отворена шахта, спорот го губам. Случајот го водеше судијата Богоја Стрезоски. Не само што не добив оштета, туку го изгубив и спорот и сега јас сум во ситуација што треба да платам отштета на претпријатието „Нискоградба“.
Обвинува дека судот по брза постапка ја донел одлуката.Изразува сомнеж за договор меѓу судот и ЈП.
„Судот не ги зеде во предвид нашите докази, не ги зеде предвид ниту видео снимките од камерите за надзор од маркетот, фотографии од шахтата, повика само еден минувач кој ме крена од шахтата. Пресудата беше со едно образложение, дека сум морал да гледам кај одам. Да биде уште поголем апсурдот, по губењето на спорот во Охридскиот суд, се жалевме во Апелациониот судот во Битола. Во пресудата пишува дека шахтата била обезбедена. Никаде во случајот не се водеше дека шахтата е обележана, јас паѓам во необележана шахта. Да беше обележана немаше да паднам. Ова е најголемата неправда, едно е на рочиште, а друго се пушта во дописот во Битола. Ги повикувам судијата и вештаците уште еднаш да ми кажат дали шахтата беше отворена или не, зошто ако беше затворена јас немаше да паднам во неа. Шахтата беше од метал, на нејзе имаше фрлено камења и околу 60 сантиметри беше отворена. И два дена по случката ЈП „Нискоградба“ ја санираше шахтата.
Џепароски додава и дека нема да се откаже од барање на правдата, побарал средба со градоначалникот на Охрид, министерот за правда а ќе бара помош и од претседателот на државата.