Охисовци бараат да им се исплатат 24 заостанати плати
Foto

Охисовци бараат да им се исплатат 24 заостанати плати

Цел работен век го поминале во хемикалии и отрови, работеле во најголемиот државен хемиски гигант, а денеска велат живеат на работ на егзистенцијата. Од институција во институција, по судови, пред Влада, поранешните вработени во ОХИС и денеска протестираа пред судот во Скопје. Разочарани и револтирани си ги бараат како што велат чесно заработените плати, кои им ги должи државата.

„Како може Владата да ги обесштетува општините и да им дава 50 милиони евра, а за нас 2 милиони евра немаат да ни дадат пари што ние сме ги заработиле со пот, со хемикалии со отров, остаревме таму, се разболевме, половина од нас починаа, за нас немаат пари да ни ги вратат, а ние сме остварувале профит. Нас секој месец ни доаѓаат извшрители, сметки, треба да ги платиме, не избркаа, работа нема.“ - вели Љутфиш Фазил – Поранешен работник во ОХИС.

„Еве сега по телевизиите се зборува дека линданот бил штетен, а јас 36 години сум работел во таа фабрика, а ниту еден ден боледување не сум зел“. - вели Поранешен работник во ОХИС.

И по продажбата на дел од имотот на ОХИС велат никој не зборува за нивните долгови. Институциите велат си играат пинг понг. Од Владата побараа да најде начин како ќе им ги исплати платите.

„Тука сме поради неисплатени 24 плати, некои 8 плати од 2008-ма година и 16 плати од 2012-та и 2013-та година. Сега списоци судот истакна денеска и имаме замерка, пишува 17-ти на списокот,а денеска сме 21-ви, значи веќе ги имале пред 4 дена. На самиот список има варијации према распределбата. Проценти ни кажуваа, фактите испаднаа други, процентите сега се многу помали отколку што требаше да ги поделат тогаш. Вкупно на сите вработени требаше околу 5 милиони евра да се исплатат.“ - вели Драган Цветковски – Поранешен работник во ОХИС.

Сите велат има стопански криминал во случајот со ОХИС, но никој не реагира. Никој не се грижи за правата на работниците – порачаа присутните на денешниот протест.

„Никому не му е грижа за нашите права. И сега ние ќе си одиме дома со скршени срца и без пари. Каде е оваа Влада и како планира да влезе во Европска унија вака? Па уште милион години ние вака нема да можеме да влеземе во Европска Унија. Што сега ќе го менуваме името? И илјада пати да го смениме името, ако не се смени ова џабе. Ние ги бараме судиите,стечајните работници, сите се кријат. Видете колку полиција има, дури ни се закануват дека не смееме да правиме гужви.“ - вели Цветковски.

Владата крева раменици. Премиерот Заев на прашање на ТВ24 за овој случај, одговори дека Владата нема никаква надлежност во овој дел и дека нема да се меша во судските одлуки.

„Стечајната постапка на Охис е завршена и спроведена од судските и стечајните органи, во процес во којшто Владата немала ингеренции и не била инволвирана.“ - велат од Владата.

Согласно добиените информации од стечајниот управник, средствата кои се префрлени за купо-продажба на Охис, требаше да се распределат на доверителите, каде што спаѓаат и поранешните вработени врз основа на донесени решенија на Судот за утврдени побарувања.
Владата не се меша, ниту ќе се меша во судски одлуки, а по коментарите дека кај вработените постојат сомнежи дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на Охис, а со тоа и имотот на државата, сите евентуални злоупотреби и сомнежи треба да бидат пријавени и споделени со државните органи кои спроведуваат истражни постапки, се вели во одговорот од Владата.

Премиерот пак, ги повика работниците доколку имаат докази дека во минатото се правеле злоупотреби на службената должност и се оштетувал имотот на Охис, а со тоа и имотот на државата, сите евентуални злоупотреби и сомнежи да ги пријават кај државните органи кои спроведуваат истражни постапки.

0 Коментари

Остави коментари