ОЈО за тв 24: Немаме добиено иницијатива за кривична одговорност на Лукаревска
Кривичен прогон за екс директорката на УЈП Сања Лукаревска побара Антикорупциска. Тоа за ТВ24 го потврди претседателката на комисијата Татјана Димитриевска. Во одлуката, антикорупционерите наведуваат дека поранешната директорка го прекршила изборниот процес, бидејќи дел од постапката за промената на статусот на вработените, поради што некои од нив требало да земат повисока плата, се случувала за време на изборниот процес.
- Имајќи предвид дека склучувањето на новите договори би се случило по денот на донесувањето на Решението за распишување на избори, подносителот на пријавата изразува сомневање дека со склучувањето на новите договори во изборен процес би била сторена повреда на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Воедно, подносителот на пријавата се сомнева дека откажувањето на договорите за вработување би можело да претставува ризик од вршење на влијание за време на изборниот процес.
Случајот стигнал кај антикорупционерите по анонимна пријава. Во одлуката која ја донеле, тие се повикуваат и на повредите кои ги констатирал Трудовиот инспекторатм поради што побарал да се укине одлуката за трансформација на статусот на вработените во УЈП. Од Обвинителството денеска за ТВ24 велат дека за овој случај немаа ништо добиено од Комисијата за спречување на корупцијата.
- Антикорупциска комисија до овој момент се уште не доставила иницијатива до обвинителството, каква што најави.
Поранешната директорка Сања Лукаревска тврди дека нема никакво прекршување на ниту еден закон. Трансформацијата веќе доцнела, а ако не ја спровеле, ќе се соочеле со тужби.
Иако антикорупционерите ја донеле одлуката на 1 август, пред три дена случајот во јавноста го обелодени актуелната директорка на УЈП Елена Петрова. Таа ја обвини Лукаревска за незаконски дејства, кои направиле, како што рече, хаос во УЈП. Според неа, по укинувањето на одлуката со која вработените од државни станале даночни службеници, сега дел од нив треба да враќаат пари, поради зголемените плати кои ги земале од март до денес. Синдикатот на УЈП во одбрана на Лукаревска. Според првиот синдикалец на „Солидарност“ Васе Недановски вработените не треба да враќаат пари. Дали договорите се пред или после изборите воопшто ќе нема влијание, оти не станува збор за нови вработувања, туку за нова систематизација, вели Недановски.