ОЈО Штип поднесе обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи
Виш јавен обвинител цела година се заканувал и вршел психичка тортура врз пет вработени жени, а една од нив добила и растројство. Штипското јавно обвинителство поднесе обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи за пет кривични дела, соопшти Обвинителството.
ЈОРСМ
“Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од 6-ти кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.”
Оштетените, неможејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство, се обратиле писмено до повеќе институции, со барање за превземање на итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита. Откако обвинетиот дознал за писмaта на оштетените, ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако одбиле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството.
ЈОРСМ
“Без одобрение за нивно понатамошно поднесување до институцијата, тој ги заверил личните изјави доставени во неговата канцеларија со приемен печат на ВЈО Скопје, па на 16.10.2024 година, на сите им доставил писмени барања за јавно извинување и јавно повлекување во рок од 48 часа. Иако барањата биле лични и самиот ги поднесувал со цел да направи психички притисок врз оштетените, истите ги завел со Резолуција „А“ во Уписникот „А“ на ВЈО Скопје, спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства. “
На 24-ти октомври минатата година, обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, каде што пред сите нив, продолжил со психичкиот притисок кон оштетените. Како резултат на ваквото деградирачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство.
Со цел да ја заштити постапката, но и жртвите, јавниот обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост, како и забрана за приближување, односно одржување контакти со оштетените.

